29.03.2024 Скопје
Грчката влада предводена од премиерот Кирјакос Мицотакис го преживеа гласањето недоверба во парламентот предложено од четири опозициски партии, откако медиумите објавија дека владата манипулирала со информациите за најтешката железничка несреќа во грчката историја во февруари минатата година, во која загинаа 57 лица, претежно студенти.
„Ве повикувам да гласате за влада која, и покрај големите тешкотии, стабилно ја води земјата напред“, рече Мицотакис во парламентот во четвртокот пред гласањето.
За доверба на владата гласаа 159 пратеници, а против 141.
Десничарската партија на Мицотакис, Нова демократија, има мнозинство од 158 пратеници во 300-члениот парламент.
Опозициските партии ја обвинија владата дека манипулира со докази кои би можеле да ги расветлат причините за железничката несреќа во Лариса, во обид да ја намали политичката одговорност.
Владата наведува дека судиите кои ја водат истрагата за несреќата имаат целосни, необработени разговори во истрагата, што значи дека нема никакви манипулации.
Истрагата на грчки судија за несреќата е во тек и се очекува да биде завршена во наредните месеци.
Досега се обвинети десетици лица, меѓу кои и шефот на станицата во Лариса, кој е во притвор.
Администрацијата на Микотакис вели дека сличен извештај за наводното протекување и манипулација со разговорот бил објавен на 3 март 2023 година.
Патнички воз што сообраќал од Атина за Солун во февруари минатата година се судри со товарен воз во близина на Лариса во централна Грција, предизвикувајќи пожар.
Во несреќата загинаа 57 лица, главно студенти, а 80 лица се повредени.
Подготвено од А.Ѓ.