16.03.2024 Скопје
Тие што ќе слават роденден меѓу двата изборни круга, нема да можат да гласаат во вториот круг на претседателските избори. Сепак, ќе можат да гласаат за пратеници, затоа што ќе бидат впишани во избирачкиот список за парламентарните избори. Од ДИК појаснија дека, тоа е така затоа што избирачкиот список ќе биде веќе заклучен, а законот не дозволува негово менување меѓу два круга.
Од ДИК тврдат дека согласно податоците од МВР, се работи за бројка од 1.040 лица, а не за многу повеќе, како што тврдеа деновиве од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Тие, пак, реагираа дека на претходните претседателски избори била направена дискриминација врз основа на возраст на околу 7 илјади лица кои наполниле 18 години меѓу двата круга, но не можеле да гласаат.
Што се однесува на реакцијата на граѓанските активисти, дека новите измени на Изборниот законик на подмолен начин ги исфрлаат од конкуренција независните кандидати, со зголемување на бројот на потписи за кандидирање, од ДИК велат дека се донесени врз основа на препораката на ОБСЕ ОДИХР, бројот на потписи да е пропорционален на бројот на регистрирани гласачи, за да се обезбедат еднакви можности.
Подготвено од М.Д.