26.03.2024 Скопје
Евровизија и што би се случило ако се одржи изборот кај нас? Токму ова е темата на годинашново шоу „Глумците пеат“, возобновена култна манифестација, која годинава ќе се одржува две вечери, на 29 и на 30 март, на сцената на Националната опера и балет. Според организаторите, и овој долгоочекуван настан, на кој ќе учествуваат 40-мина актери од сите театри во земјава и 22-члениот оркестар, ветува многу забава и смеа, а присутните ќе слушнат познати хитови, домашни и странски. Накратко, публиката ќе присуствува на светски спектакл на македонски начин.
Инаку, шоуто се одржува втора година по ред откако беше возобновено лани, по пауза од повеќе од 15 години. Маја Бабиќ, ќерка на актерот Марин Бабиќ, кој е идејниот творец и кој пред повеќе од 30 години го организираше „Глумците пеат“, посочи дека шоуто ќе трае околу два и пол часа, со намера настанот да изгледа онака како што нејзиниот татко Марин го замислувал.
Според неа, „Глумците пеат“ е најголема продукција во државава и платформа што им овозможува на актерите да излезат од својата комфорна зона, од своите театри. Како што вели, тие ќе имаат целосна слобода да ја креираат својата улога и да соработуваат со колеги со кои, можеби, ќе немаат можност во текот на кариерата. Оваа манифестација е и шанса да се промовираат младите актери.
„Годинава ќе се обидеме да се шегуваме со сите наши несовршености, во шегобијно светло ќе прикажеме што би било кога би се организирала Евровизија во Република Северна Македонија, а ќе има и гласање“, рече Бабиќ, која додаде дека сето ова ќе се одржи на многу забавен начин.
Таа претходно посочи дека ќе ги имаме на сцената и ветераните што настапувале на повеќе претходни изданија, но и актерите што во тоа време ги правеле своите први чекори на сцената, а сега се етаблирани актерски имиња.
Режисер и годинава е Дејан Пројковски, кореографијата е на Олга Панго, диригент е Љупчо Мирковски, a Бобан Мирковски e автор на аранжманите за сите песни што ќе ги слушнеме тие вечери.
„Манифестацијата не се занимава со ретроспективата, со историјатот на Евровизија, и целта не е да се изберат најдобрите песни од тој натпревар. Она што е интересно кај ‘Глумците пеат’ е дека има еден натпревар што ќе биде покреативен, бидејќи само добрата изведба на песната тука не значи ништо. Ние сме фабрика за производство на забава, и тоа ни е основната тема. Ние си ги избираме песните преку кои можеме да ја создадеме забавата. Така што нашиот избор на песни не е наш однос кон песните дали се добри или лоши“, рече Пројковски.
И Маја Бабиќ истакна дека нема да се занимаваат со реални ситуации од Евровизија, туку со „универзални, локални теми од секојдневното живеење“.
Манифестацијата, која се одржува по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март, ќе ја водат двајца водители. Нивните имиња не беа откриени, но, како што кажа Бабиќ, „едниот публиката ќе го запознае, а од другиот ќе се изненади“.
Манифестацијата „Глумците пеат“ е поддржана од неколку спонзори и за првпат од Министерството за култура. Со оглед дека и двата настана се распродадени, сепак, манифестацијата нема да се случува во поголем простор.
Шоуто „Глумците пеат“ за прв пат се одржа на 26 март 1992 година.
Подготвено од М.Д.