25.03.2024 Скопје
Француската влада го подигна предупредувањето за безбедносна закана на највисоко ниво по смртоносниот напад на концертна сала во Русија, за кој одговорноста ја презеде Исламската држава.
Францускиот премиер Габриел Атал ја објави одлуката на мрежата „Х“, наведувајќи дека властите ги земаат предвид заканите на кои е изложена Франција и фактот дека „Исламска држава“ ја презеде одговорноста за нападот во Москва.
Најавата дојде откако францускиот претседател Емануел Макрон одржа итен состанок за безбедносни прашања по нападот во предградие на Москва во петокот (22 март) во кој загинаа 137 луѓе.
Франција постојано е изложена од смртоносни напади на Исламската држава, вклучително и масакрот во Батаклан во 2015 година, во кој екстремистите пукаа во посетителите на концертот и со часови држеа заложници.
Француските трупи се бореа против исламските екстремисти на Блискиот Исток и Африка.
Франција веќе беше во висока безбедносна готовност пред овогодинешните Олимписки и Параолимписки игри во Париз, кои се очекува да привлечат милиони посетители од целиот свет.
Подготвено од А.Ѓ.