15.03.2024 Скопје
Во Управните служби на СВР Куманово дневно се фотографираат и до 500 лица од општините во кумановскиот регион, и притоа капацитетите и човечките ресурси во целост ги задоволуваат потребите на граѓаните, смета министерот Панче Тошковски.
„Некаде отприлика околу 500 луѓе во Куманово, дневно влегуваат во процесот, тоа значи дека се фотографираат за лични документи. Со тоа што од понеделник до петок се работи со фотографирање, сабота луѓето се посветени на друга документација која што треба да се среди за да на крајот граѓаните си добијат соодветен личен документ. Така да оваа бројка, имајќи го предвид капацитетот на човечките и на техничките ресурси мислам дека е и повеќе од доволна“, кажа Тошковски при посетата на Куманово.
Тој најави реорганизација кај шалтерските работници во време на рамазанските пости за процесот на издавање на лични документи тече непречено, по поплаките на граѓани дека по 17 часот дел од вработените заминуваат на ифтарски вечери, па нема кој да ги услужи.
„Ќе се реорганизираме со цел да може да функционира институцијата како што треба. Секако дека треба да се почитуваат сите права на вработените, од било која етничка или верска припадност, но секако дека треба да функционира и институцијата“, истакна Тошковски.
Вчера во Куманово беше промовиран системот „Земи бројче“, кој има за цел да воспостави ред во однос на приемот на странки за фотографирање и издавање на лични документи.
Подготвено од М.Д.