https://twitter.com/vonderleyen/status/1582635443073318912/photo/1

21.03.2024 Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека е од клучно значење да се постигне прекин на огнот меѓу Израел и Хамас што ќе комбинира ослободување на заложниците и хуманитарен пристап до Појасот Газа што е можно поскоро.

Зборувајќи за новинарите со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во Брисел, таа рече дека Газа се соочува со глад и дека тоа е неприфатливо.

„Клучно е брзо да се постигне договор за прекин на огнот, според кој заложниците ќе бидат ослободени и ќе биде дозволена поголема хуманитарна помош да стигне до Газа. Затоа се надеваме на позитивен исход од разговорите предводени од САД и Катар и Египет“, рече фон дер Лајен.

ЕУ е „многу загрижена“ за ризиците поврзани со планираната израелска копнена офанзива на Рафа во Појасот Газа за цивилите кои мораа да бараат засолниште таму, додаде таа, според транскриптот објавен на веб-страницата на ЕУ.

Оваа операција мора да се избегне „по секоја цена“, потенцира Фон дер Лајен.

На почетокот на март, високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, на 55-та седница на Советот за човекови права на ОН изјави дека сите жители на Газа се во непосредна опасност од глад и дека речиси сите пијат загадена вода.

Директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус тогаш изјави дека десет деца починале од глад во педијатриската болница „Камал Адван“ во северниот дел на Газа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author