06.03.2024 Скопје
Одделот за финансии на САД означи две лица и пет ентитети поврзани со конзорциумот Интелекса, меѓу кои и компанијата Сајтрокс АД, со седиште во Република Северна Македонија, за нивната улога во развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијална технологија за шпионски софтвер што се користи за таргетирање Американци, вклучително и државни службеници на САД, новинари и експерти за политика.
САД уште минатата година Сајтрокс ја додадоа на „црната листа“ и им забранија на американските компании да работат со оваа фирма која ја третира како „закана за својата националната безбедност и за интересите на надворешната политика“.
„Распространетоста и злоупотребата на комерцијален шпионски софтвер претставуваат зголемени безбедносни ризици за САД. Странските актери злоупотребиле таков шпионски софтвер за да овозможат кршење на човековите права и да ги таргетираат дисидентите на глобално ниво за репресија и одмазда“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Сајтрокс АД е компанија во рамките на конзорциумот Интелекса и делува како развивач на шпионскиот софтвер Предатор на конзорциумот.
Сајтрокс АД беше додадена на списокот на ентитети на Одделот за трговија на 18 јули 2023 година, за трговија со сајберексплоатации, што се користат за да се добие пристап до информациски системи, загрозувајќи ја приватноста и безбедноста на поединци и организации ширум светот.
Подготвено од М.Д