26.03.2024 Скопје
Претставникот на актуелниот претседател, имаше најсреќна рака при денешното извлекување во ДИК. Ја извлече жрепката со број 1, со што му обезбеди на Стево Пендаровски прва позиција на гласачкото ливче. Портпаролката на ВМРО ДПМНЕ и` обезбеди втора позиција на нивната кандидатка, Гордана Силјановска Давкова, додека трет на ливчето ќе се најде Стевчо Јакимовски од ГРОМ. На позиција број четири е Бујар Османи, кандидат на ДУИ, кандидатката на Левица, Билјана Ванковска Цветковска е на реден број пет, Арбен Таравари од „Вреди“ е шести, додека градоначалникот на Куманово и кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски, е последен на гласачкото ливче. Можност да заокружат еден од нив ќе имаат и иселениците, иако поради слабиот одѕив за гласање, ќе гласаат само за претседател. Прифатени се пријавите на само 2681 наш иселеник, но сепак гласање ќе се организира во 24 земји.
Пресметките на трошоците ќе се прават дополнително, но проценките се дека веројатно ќе се потрошат околу еден милион евра за да се организира гласањето, како и за престојот во странство на избирачките одбори во кои членуваат десет лица. Во подалечните држави, како на пример Кина, каде се пријавени само 12 лица за гласање, цел избирачки одбор ќе треба да престојува две недели на државен трошок.
Најголем интерес за гласање покажале Македонците во Германија, 594, додека во Црна Гора нема ниту еден пријавен. Во Словенија ќе гласаат 338, во САД 244, во Канада – 124, во Австрија – 119, во Италија – 104, во Австралија 97. Во државите каде има под 10 пријавени, нема да се гласа.
Интересот за гласање на дијаспората е слаб со години наназад, а праксата покажува и дека, голем дел од пријавените, не излегуваат на гласање. На пример, во 2016-та година, од пријавени 20 илјади лица, само 8 илјади излегле на гласање. Финансиските средства што се трошат се превисоки, оттаму и експертите предлагаат да се најде друг начин за остварување на гласачкото право на иселениците, како на пример, гласање по пошта или по електронски пат.
Подготвено од М.Д.