https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/b/b2/Studentski_dom_GOCE_DELCEV_vo_Skopje%2C_primer_za_brutalizam.jpg

25.03.2024 Скопје

Државниот завод за ревизија објави и анкета со студентите сместени во студентските домови. Во анкетата учествувале 286 студенти кои живеат во домовите или нешто над 8 процентите од студентската популација сместена во домовите.

Студентите кои учествувале во анкетата најлоша оценка дале на опременоста на домовите со техничка опрема која им е потребна за учење или за забава (компјутери, ТВ,копири и принтери). На скалата од 1 до 5 во оваа категорија, студентите им дале на домовите оценка од 1,67.

„Кец“ од студентите добива и квалитетот на интернетот во студентските домови, односно за стабилноста, брзината и јачината на сигналот на интернет врската, студентите дале 1,81. Оценките во двете категории сепак спаѓаат во оценки со ознака „доволен“.

Најдобри оценки, блиски до „многу добар“ добил мебелот во студентските домови иако ДЗР во извештајот констатира дека нема комплет за секој студент во сите соби (комплетот е посебно столче, маса, гардеробер и простор за секој студент во соба). Студентите, во оваа категорија дале оценка 3,33.

Солидна „тројка“ односно 3,07, студентите дале и на менза, читална/библиотека и дворовите во студентските домови односно таканаречени заеднички простории. Студентските соби исто така добиле оценка „добар“ односно 2,98. Иста оценка која влегува во категоријата „добар“ добиле и безбедноста на објектите и студентите (2,80), исхраната (2,64), греење и ладење на собите (2,58) и услови и атмосфера за учење (2,53).

„Доволен“ или оценка со која се минува едвај, се за следните категории: културно-забавни активности (2,46),  хигиена во која спаѓа и достапност на топла вода (2,41) и спортско-рекреативни услови (2,12) како и двете најслаби категории за интернетот и технички услови.

Подготвено од М.Д.

About Author