Ali_Ahmeti

26.03.2024 Скопје

Европска песна за Европски фронт. Химната на Европската унија, Бетовеновата „Ода на радоста“ им ја отвори вратата на четворицата претседатели на партии кон полната сала членови и симпатизери. Потпишаа дека заедно ќе одат на избори. Али Ахмети порача дека овој фронт ќе функционира до остварувањето на целта – членство во ЕУ. Повика да им се придружат и Македонците и другите заедници за чии права гарант се Албанците и Охридскиот договор. На сојузничките партии им порача заедно да ја преземат одговорноста.

„Вие сте браќа, победата е на сите вас! Во оваа тврдина сите да продолжиме со по еден камен и да ја зајакнеме тврдината. Вие сте тие кои ја шират големата вест: Албанците се заедно!“, порача претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Некогашниот лут политички противник, Мендух Тачи, очекува оваа коалиција да добие 30 пратеници. Таа треба да го оневозможи руското влијание, кое веќе е присутно на Балканот, да дојде и  во Република Северна Македонија.

„Ова обединување е да се спречи оваа политика да дојде и во Република Северна Македонија. Ова обединување бара од нашиот народ да биде изгласано со 30 пратеници за да се оневозможи руската политика да се институционализира и во Република Северна Македонија“, рече претседателот на ДПА Мендух Тачи.

Поранешниот потпретседател и министер од БЕСА, сега претседател на нова партија, Арјанит Хоџа, направи споредба со поддршката за ОНА во 2001-та.

„Овие наши повици денес се исти како оние за приклучување во ОНА во 2001-та. Тогаш командантот на ОНА  Али Ахмети создаде услови за еднаквост и за вклучување на Албанците во сите институции. Денес, преку овој фронт, ние треба да го браниме тоа и да ги спречиме антиевропските влијанија во земјата“, вели претседателот на ЕДП, Аријанит Хоџа.

Минатата недела Ахмети потпиша договор со Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд. Европскиот фронт се надева дека ќе му се придружат и други партии и поединци. Најнеизвесна е позицијата на Алијанса на Зијадин Села – дали самостојно ќе оди на избори, како што го поттикнува Арбен Таравари, или ќе ја прифати поканата на ДУИ за заеднички настап.

Подготвено од М.Д.

About Author