12.03.2024 Скопје
САД го поддржаа пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) се вели во најновата резолуција во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис.
Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Република Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови.
„Претседателот и државниот секретар да продолжат тесно да соработуваат со Владата на Република Северна Македонија, да го поддржат проширувањето на Европската Унија со Западниот Балкан, вклучително и Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европска Унија“, се вели во резолуцијата.
Во резолцијата се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.
Сенатот ја „охрабрува Владата на Република Северна Македонија да продолжи со својата важна работа за членство во Европската Унијата, како и напорите за продолжување на мирот, стабилноста и просперитет во Источна Европа“.
„Пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија ќе ја зајакне регионалната стабилност на Западен Балкан, ќе ја промовира европската кохезија и дополнително ќе го отфрли руското малигно влијание во регионот и пошироко. Натамошниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување означува важна пресвртница за земја која веќе направи значајни чекори на тој пат. Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на демократските реформи, владеењето на правото и трансатлантското партнерство. Уверен сум дека членството на Република Северна Македонија во ЕУ ќе донесе зголемени можности за бизнис и трговија, како и дополнителна координација меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Северна Македонија“, истакна сенаторот Велч.
Подготвено од М.Д.