25.03.2024 Скопје
Централниот одбор на ДОМ, на денешната седница, донел одлука претседателката на партијата, Маја Морачанин да биде кандидат за пратеник од ДОМ, на шестата позиција во првата изборна единица, на заедничката листа на коалицијата предводена од СДСМ.
Како што соопштија од ДОМ, членовите на ЦО изразиле задоволство од прифаќањето на барањата од ДОМ поврзани со заштитата на животната средина и климата од страна на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски и донеле одлука за поддршка на неговата кандидатура.
ДОМ останува посветен на реализирање на приоритетот за што побрзо продолжување на македонскиот евроинтеграциски процес, кој е основната движечка сила за спроведување на неопходните реформи во македонското општество. ДОМ ќе продолжи да инсистира на спроведување на праведната енергетска транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија, заштитата на животната средина и климата, ефикасна борба против корупцијата и унапредување на човековите права, стои во соопштението од Централната канцеларија на ДОМ.
Подготвено од М.Д.