pospanost

02.03.2024 Скопје

Можеби не сте ни свесни дека навиките што ги практикувате негативно влијаат на вашето ниво на енергија.

Група лекари ги издвоиле лошите навики кои многумина ги практикуваат неколку пати неделно, а некои и секојдневно, а кои потајно влијаат на намалување на нивото на енергија.

Нивната препорака е овие навики да се сведат на минимум или, идеално, целосно да престанете да ги практикувате.

Јадете доцна навечер

Урамнотежената исхрана полна со хранливи материи е од суштинско значење за одржување на здравјето и силата, но храната што ја јадете не е единствениот клучен фактор овде. Подеднакво важно е и времето кога јадете.

„Клетките во нашето тело различно ја метаболизираат храната во зависност од времето од денот. Јадењето ист оброк во осум наутро наспроти 18 часот може да влијае на способноста на телото да ја користи за енергија“, објасни д-р Мери Валвано.

Таа додаде дека јадењето оброк доцна навечер може да го „намали нивото на шеќер во крвта и способноста да се добие оптимална енергија од оброкот следниот ден“.

Не спиете доволно

Јадењето доцна може да влијае и на квалитетот на сонот, посочува докторката. Таа објасни дека јадењето оброк во текот на ноќта може негативно да влијае на природниот деноноќен ритам на телото, да го прекине сонот и да го наруши квалитетот на сонот.

Центрите за контрола и превенција на болести препорачуваат најмалку седум часа сон навечер. Ако спиете помалку, тоа е навика што треба да ја прекинете за да имате повеќе енергија.

Седентарен начин на живот

Без разлика дали работите од дома или во канцеларија, седентарниот начин на живот, особено со диета богата со шеќер и преработена храна, може да го намали нивото на енергија. За да не се случи тоа, можете да вежбате после работа.

„Редовното вежбање може да помогне во подобрувањето на нивото на енергија со зголемување на протокот на крв и кислород во мозокот и мускулите. Целете на најмалку 30 минути вежбање со умерен интензитет секој ден, како што се брзо одење, возење велосипед или пливање“, истакна д-р Данијела Келвас.

Покрај вежбањето, на доброто ниво на енергија во текот на денот може да влијае и диета која содржи разновидни овошја, зеленчук, цели зрна и немасни протеини. Се препорачува да се избегнува премногу шеќер.

Често пиете енергетски пијалоци

Спротивно на популарното верување, лекарите тврдат дека енергетските пијалоци всушност можат да имаат спротивен ефект од она за што се наменети.

„Посериозните ризици од кофеинот најчесто се поврзани со големата потрошувачка преку енергетски пијалоци и во форма на додатоци во исхраната“, тврди кардиологот Стивен Деврис.

Доколку сакате подобра опција за пијалоци со кофеин, д-р Валвано советува да почнете да пиете повеќе чаеви.

„Конзумирањето на кофеин од извори како чајот, особено зелениот чај, може да помогне во подобрувањето на нивото на енергија со поддршка на митохондриите, кои се одговорни за производство на енергија во нашите клетки“, објаснува таа.

Хроничен стрес

Ниските нивоа на енергија и замор се познати несакани ефекти од стресот и емоционалната исцрпеност. Доколку често сте под стрес и се чувствувате како да немате енергија, д-р Келвас вели дека не би било лошо да пробате некои од овие активности.

„Практикувајте техники за управување со стресот, како што се медитација, длабоко дишење или јога, за да го намалите нивото на стрес и да ја подобрите енергијата“, советува докторот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author