12.03.2024 Скопје
За да се откријат нецелосно или делумно вакцинирани деца против голема кашлица, министерот за здравство Илир Демири изјави дека засилени инспекции во градинките ќе има не само во Скопје туку и низ цела држава.
„Мислам дека веќе пред две недели го организиравме ова. Оваа е трета недела како сум министер за здравство. Имајте го тоа предвид. Откако дојдов, веднаш пристапив кон тоа. Не само на територија на Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам на секој начин да се вакцинираат оние, кои се невакцинирани. Да и во останатите градови ќе се враќаат од градинка, децата кои не се вакцинирани. Има потпишано таква наредба“, одговори тој на новинарско прашање дали се задоцнети мерките, вонредните инспекциски надзори на ДСЗИ во градинките, да не се примаат деца делмно или целосно невакцинирани.
Демири потсети оти имал и претходно јавни изјави дека од градинка треба да се вратат оние деца, кои не се вакцинирани, па апелираше да се зголеми свесноста и значењето на тоа што значи вакцинација.
Со оглед на тоа што од денеска ДСЗИ ќе издава решение за забрана на деца во градинка, тој беше прашан дали има податоци колку решенија се издадени досега, на што, Демири одговори оти нема податок.
Демири рече дека побарал ангажирање на млади лекари, поради тоа што на територија на Град Скопје веќе има прогласена епидемија, да се зголеми бројот на вакцинални пунктови за да може да се зголеми бројката на вакцинирани.
„Побаравме од Министерство за финансии и Фонд за здравство и поминато е тоа на владина седница, чекаме дали ќе добиеме одобрување од ДКСК. Ако добиеме позитивен одговор од ДКСК, тогаш може комотно младите лекари да се ангажираат во вакциналните пунктови и да се зголеми бројката на вакцинација“, подвлече Демири.
Тој истакна дека со тоа и младите лекари ќе бидат задоволни, но и надлежните со зголемување на бројот на вакцинирани лица.
Подготвено од М.Д.