Image by Freepik

07.03.2024 Скопје

Здравствениот инспекторат ќе започне со вонредни контроли во детските градинки. Министерот за здравство ги прифати препораките на Комисијата за заштита од заразни болести кои препорачаа забрана за прием на невакцинирани деца и ќе му наложи на инспекторатот да врши увид во вакциналниот статус на децата.

„Министерот Демири, ќе донесе одлука со која на Државниот здравствен инспекторат ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица. Министерството за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца“, е ставот на Министерството за здравство.

Од инспекторатот потсетуваат дека за родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца  следува парична казна од 300 до 650 евра.

„Редовно како ни ги испраќаат од вакциналните пунктови списоците на родители и со име и презиме на децата  ги повикнуваме родителите на порамнување и ги казнуваме. Поважно прашање е како завршуваат. Дел од родителите ја плаќаат казната, но со тоа не ги решаваме проблемите, бидејќи децата остануваат невакцинирани, од друга страна има родители кои не сакаат да ја платата казната и  завршуваат на суд, кадешто судот им дава опомена и плаќаат судски трошоци“, вели Рената Младеновска, директорка на ДЗСИ.

Од Комисијата за заштита од заразни болести велат дека причината поради која ја дале препораката за дополнителна контрола во градинките е да се види дали досегашната мерка за забрана на невакцинирани деца се применува. Потсетуваат дека станува збор за заразно заболување кое е најопасно токму за најмалите деца.

Во меѓувреме и еден месец откако беше прогласена епидемија на голема кашлица, бројките на новозаразени продолжуваат да растат. Скопје вчера регистрираше рекорден број на случаи со пертусис за едно деноноќие, 14 новозаразени. Меѓу нив има од сите возрасти, деветмесечно бебе, возрасен од 43 години како и деца кои одат во градинка и училиште.

На 15 ти март се очекува да пристигнат и дози за вакцинација против пертусис наменети за возрасни. Овие дози се препорачуваат за лица кои што се во околина на деца коишто имаат индикација дека не може да примат вакцина како и за вработени во градиниките и родилиштата.

Подготвено од М.Д.

About Author