20.03.2024 Скопје
Светската метеоролошка организација објави дека сите големи глобални климатски рекорди беа срушени минатата година, а 2024 година може да биде уште полоша.
Генералниот секретар на оваа организација, Селесте Сауло, во оваа прилика објави „црвен аларм“ до светот, а особено е загрижена поради затоплувањето на океанот и намалувањето на морскиот мраз.
Метеоролошката агенција на ОН во својот годишен извештај за состојбата на глобалната клима објави дека просечната температура го достигнала највисокото ниво во последните 174 години во водењето на евиденција и дека моментално е 1,45 степени Целзиусови над прединдустриското ниво.
Температурите на океаните, исто така, го достигнаа своето највисоко ниво во последните 65 години од собирањето податоци, при што над 90 отсто од морето беше изложено на топлотни бранови во текот на годината, што предизвика оштетување на системите за храна, соопштија и организациите.
„Заедницата на Светската метеоролошка организација издава црвен аларм до светот. Она на што бевме сведоци во 2023 година, особено со невиденото затоплување на океаните, повлекувањето на глечерите и губењето на морскиот мраз на Антарктикот, е причина за особена загриженост“, рече Саулова, која раководи со Организациите од јануари.
Таа додаде дека топлината на океаните е особено загрижувачка бидејќи е „речиси неповратна“, а процесот на ладење трае милениуми.
„Трендот е навистина многу загрижувачки поради карактеристиките на водата што ја задржува содржината на топлина подолго од атмосферата“, рече таа.
Шефот на службата за следење на климата на Светската метеоролошка организација, Омар Бадур, изјави за новинарите дека постои „голема веројатност“ во 2024 година да бидат поставени нови рекорди за топлина и дека годината по климатскиот феномен „Ел Нињо“ обично е уште пожешка.
Извештајот укажува на големо намалување на количината на морскиот мраз на Антарктикот, кој на својот врв изнесуваше помалку од милион квадратни километри во споредба со претходниот негативен рекорд. Тоа е област споредлива по површина со Египет.
Подготвено од А.Ѓ.