sar_planina

25.03.2024 Скопје

Холандската организација „Грин стејст“ и Националниот парк „Шар Планина“ денеска потпишаа договор со кој Холанѓаните ќе донираат средства со кои ќе се изврши пошумување на територии во заштитеното подрачје. Делови од шумата во Националниот парк во изминативе години беа уништени од пожари и од дрвокрадци, па пошумувањето со оваа донација ќе биде насочено кон овие реони.

„Благодарение на донацијата од холандскиот партнер денес почнуваме еден нов период, една нова заложба за да дојдеме до подобри и еколошки одржливи шуми. На почетокот ќе пошумиме помали површини, а тоа се површини кои во минатото беа оштетени од шумски пожари и тоа ќе се одвива под надзор на холандскиот партнер како и од овластените институции во државата. Состојбата со шумите на Шар Планина до некаде е задоволителна, имаме шумски комплекси кои се во добра состојба, меѓутоа на некои места, каде што е пренагласена бесправната сеча и деловите кои се оштетени од  пожари, таму штетите се навистина големи. На тие предели неопходна е човечка интервенција и преземање стручни мерки за нивна ревитализација“, изјави Милорад Андријески, раководител во Одделението за одржливо користење на природните ресурси.

Руд Ван Бруијн од холандската организација посочи дека се подготвени да помогнат и сакаат да остварат една долготрајна соработка со Националниот парк „Шар Планина“.

„Многу сме горди што почнуваме соработка со НП ‘Шар Планина‘. Среќни сме и привилегирани што може да работиме и да му помагаме на раководството да ја претвиме Шар Планина во богата со шума и биолошка разноликост“, вели Руд Ван Бруијн.

Подготвено од М.Д.

About Author