13.03.2024 Скопје
Белгискиот министер за правда Пол Ван Тигелт истакна дека Брисел е преполн со шпиони, предупредувајќи дека скандалите како Катаргејт и Чајнагејт се само врвот на ледениот брег на шпионажата во белгискиот главен град, кој е дом не само на институциите на ЕУ и НАТО, туку и на 100 други меѓународни организации и околу 300 странски дипломатски претставништва.
Белгиските „фаќачи на шпиони“, одговорни за безбедноста на европските и НАТО организациите, се соочуваат со зголемени примери на руско непријателство, кинеско шпионирање и враќање на тешката геополитика, рече Ван Тигелт. Овој проблем не е сосема нов, со оглед на улогата на Брисел на меѓународната сцена. Самиот белгиски министер потсетува дека „шпионажата е втората најстара професија во светот“, нагласувајќи дека затоа европската координација е клучна и таа постојано се подобрува.
Ван Тигелт моментално претседава со состаноците на министрите за правда на ЕУ додека неговата земја претседава со Советот на ЕУ. Поради заканата од шпионажа, белгиската влада го удвои персоналот на државните безбедносни служби на околу 1.000 работници, при што приоритетот делумно се префрли од антитероризам – по терористичките напади во Париз и Брисел во 2015 и 2016 година – на контраразузнавање. Белгија инвестираше и во „офицери за врска“ во Вашингтон, Хаг и Мароко.
Белгија неодамна се соочи со неколку шпионски скандали од висок профил. Станува збор за Катаргејт, кога неколку високи функционери во Брисел беа осомничени за корупција, перење пари и членство во криминална организација и Чајнагејт, скандалот со протекување разговори меѓу Френк Крејелман од екстремно десничарската партија Вламс Беланг и Кинез шпион, при што белгискиот политичар наводно влијаел на белгиската политика повеќе од три години во замена за мито.
Во клучната изборна година за Белгија и ЕУ, разузнавачките служби мора да се подготват за хакирање и дезинформации, рече либералот Ван Тигелт, исто така вицепремиер.
„Не е невозможно во одреден момент некој од овие режими кои не ни се толку блиски да се обиде да ги фалсификува изборите со хакирање на системот. Мораме да бидеме свесни за тоа затоа што тоа е можно. Геополитичкиот контекст не принудува да бидеме помалку наивни“, рече Ван Тигелт.
Белгија досега протера 41 руски дипломат поради наводна шпионажа. Ван Тигелт вели дека Русија е вклучена во хибридна војна и на белгиска територија.
„Тешко е за секоја демократија да го најде вистинскиот баланс во однос на безбедноста. Ако утре Белгија одлучи да префрли 10 милијарди евра од социјалната заштита на безбедноста, тоа е во ред со мене“, рече тој, додавајќи дека демократијата која го почитува владеењето на Законот е секогаш ранлив до одреден степен.
Во наредните недели се очекува белгискиот парламент да одобри нови правила кои ќе го олеснат казнувањето на оние кои се фатени во шпионажа. Сегашните одредби датираат од 1930-тите и не ја криминализираат шпионажата. Ова, на пример, го отежна гонењето на Крејелман, кој беше исклучен од партијата Вламс Беланг.
Иако Белгија ќе ги заостри правилата за шпионажа, Ван Тигелт посочува дека таквите практики се уште е тешко да се докажат бидејќи класифицирани информации често не можат да се користат во отворени судски постапки. Спроведувањето на криминални истраги е само еден начин да се создаде „непријателска работна средина“ за шпиони во Белгија, заедно со затворањето на истражувачките институти и протерувањето на дипломатите поврзани со шпионажа.
Високиот функционер е убеден дека на Белгија и е потребен силен државен безбедносен систем, поофанзивен од сегашниот, се разбира во рамките на владеењето на правото. Иако можат да работат со странски разузнавачки служби, Белгијците, на пример, не можат да вршат никакви операции во странство: „Нема да има ситуации како оние со Џејмс Бонд“, изјави Ван Тигелт.
Подготвено од А.Ѓ.