Image by tawatchai07 on Freepik

04.03.2024 Скопје

Еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон изјави дека ЕУ треба да ги поддржи европските производители на соларни панели, но не може да ја затвори границата за увоз на слични производи.

Затворањето на неколку европски производители на соларни панели ја натера индустријата да побара итна поддршка од Брисел, што на крајот може да вклучи забрана за евтин увоз од Кина со кој европските компании тешко можат да се натпреваруваат.

Сепак, Симсон ја отфрли можноста за блокада на увозот, за која верува дека може да го загрози капацитетот на ЕУ да инсталира доволно соларни панели за да ги исполни климатските цели. Повеќето соларни панели и делови во Европа се увезуваат од Кина.

„Има различни предлози за тоа како можеме да ја поддржиме нашата индустрија, но јасно е дека не можеме да ги затвориме нашите граници бидејќи ни се потребни соларни панели. Треба да ја поддржиме нашата индустрија, но ни требаат производи за да ги исполниме нашите амбициозни цели“, нагласи таа при доаѓањето на состанокот на европските министри за енергетика.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), членките на ЕУ минатата година поставиле рекордни соларни капацитети, 40 отсто повеќе отколку во 2022 година. Истите податоци укажуваат дека повеќето од овие панели и делови дошле од Кина, во некои случаи дури 95 проценти.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author