RAK NA DOJKA

25.03.2024 Скопје

Одделението за радиодијагностика во велешката болница минатата есен се соочи со сериозен проблем. Остана без доктори специјалисти бидејќи дел се пензионираа, а други заминаа во други здравствени установи, по што пациентите се соочија со проблем кој да ги чита резултатите од снимките. Тоа беше причина одделението да се реорганизира во интерес на пациентите.

„До готов специјалист не се доаѓа лесно, зад тоа стои обемна едукација која трае околу пет години. Двајца доктори се на специјализација по радиологија и се очекува наскоро да се вратат по полагање на специјалистичкиот испит. Поради тоа, на 1 ноември минатата година се склучи спогодба за соработка помеѓу 11 доктори радиолози од ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски‘ од Скопје и ЈЗУ Општа болница Велес. Така од 1 ноември кабинетот за компјутерска томографија започна со континуирана работа и пуштени се максимален број прегледи, со покриеност од 24 часа од страна на докторите во Скопје. Со ова, во „Мој термин“ сега имаме пациенти од соседни градови, не само од Велешко“, вели Марина Андова, портпаролка на Општа болница Велес.

По оваа реорганизација, следејќи ги потребите на граѓаните, бројот на снимени пациенти во одделението за дијагностика на компјутерска томографија секој месец е во нагорен тренд. За четири месеци се направени 900 прегледи во дијагностика на компјутерска томографија и 2.060 прегледи на скелет и бели дробови.

„Работиме по единствен систем на новоорганизирана работа, ги користиме добрата на дигитализацијата, со телемедицина, каде прегледите на пациентите се вршат во нашата болница, без физичко присуство на доктор специјалист, кој е во Скопје и од далечина го набљудува прегледот и учествува во него. Потоа пишува наод, без да има потреба од негово физичко присуство. Овој вид на работење е веќе добро познат во повеќе европски држави. При несреќи, сообраќајки и повреди, пациентот добива извештај од доктор веднаш по завршениот и испратен преглед. Ова го овозможуваат современата дигитална апаратура која ја имаме и посебната интернет платформа за работа, преку која завршените прегледи се праќаат за анализа кај соодветниот доктор, кој го испратил пациентот на снимање“, дополни Андова.

Прегледите во болницата во Велес ги извршуваат 12 обучени дипломирани радиолошки технолози, самостојно од подготовка на пациентот до самиот преглед. Регуларни термини има во тек на цел месец,  односно времето на чекање е намалено на само неколку дена. Резултати се издаваат зависно од видот и комплицираноста на извршениот преглед, односно во рок од неколку часа за итни пациенти до неколку дена за контролни прегледи.

На 1 декември 2023 основан е кабинет за дојка, за жени со симптоми, како и оперирани и третирани пациентки. Матичните лекари имаат пристап до кабинетот за дојка, се закажува термин кога пациентките можат да се снимаат на дигитален мамограф со врвни перформанси. Можно е доколку има потреба да се закаже и веднаш термин за ехо на дојка. И во кабинетот за дојка се забележува тренд на зголемување на снимањата, во декември биле прегледани 66 пациентки, во јануари 78, а во февруари 84 пациентки или вкупно 230 за три месеци.

Подготвено од М.Д.

About Author