19.03.2024 Скопје
Банката на Јапонија (БоЈ) денеска ја заврши политиката на негативни каматни стапки со зголемување на каматните стапки за прв пат од 2007 година.
На дводневниот состанок, Централната банка на Јапонија одлучи дека краткорочните каматни стапки ќе се движат од нула до 0,1 отсто во иднина и оцени дека нејзината цел за постигнување стабилна инфлација од два отсто е „на повидок“.
Одлуката не беше едногласна, а против беа двајца од деветте членови на одборот.
Во претходниот период Банката на Јапонија задржа негативна каматна стапка од минус 0,1 отсто, која беше воведена во 2016 година.
Отстапувањето од политиката на негативни каматни стапки доведува до повисоки трошоци за задолжување на компаниите и физичките лица, но и до зголемување на профитабилноста на деловните банки и другите финансиски институции.
Банката на Јапонија, исто така, одлучи да ја прекине својата програма за ограничување на приносите, која ги одржуваше долгорочните каматни стапки на екстремно ниски нивоа, и да престане да купува средства како што се фондовите со кои се тргува преку размена.
Целта, стабилизирање на инфлацијата на посакуваните два отсто, ќе биде постигната, се заклучува во соопштението на Банката на Јапонија.
Подготвено од А.Ѓ.