29.03.2024 Скопје
Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок изјави дека власта треба да биде предадена на Палестинците – ослободени од Хамас, од терор, самоопределени и со демократски избрана влада на сите Палестинци, вклучително и тие од Западен Брег.
„Тоа нема да се случи преку ноќ, но не треба да го изгубиме од вид политичкиот хоризонт, особено сега за време на војната“, истакна Баербок.
Како што посочи Баербок, германската Влада работи со арапските партнери за да се осигури дека решавањето на конфликтот на принципот на две држави за двата народа, Палестинците и Израелците, нема да стане фатаморгана.
„Тоа вклучува изградба на цивилна инфраструктура, реформи на Палестинската управа, економско закрепнување и безбедносна структура, вклучувајќи безбедносни гаранции и за Израел и за Палестинците“, објасни Баербок.
Баербок наведе дека ова значи и потсетување за израелската Влада дека политиката на населување не само што го попречува создавањето на палестинска држава, туку и буквално го попречува мирот.
„Затоа само решението за две држави може да донесе траен мир и безбедност на народот на Израел“, додаде Баербок.
Според Баербок, Израел треба да биде уверен дека никогаш повеќе нема да се соочи со терористичка закана од Палестина, како и Палестинците да можат да водат безбеден и достоинствен живот на својата земја.
Подготвено од А.Ѓ.