18.03.2024 Скопје
Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг ја отфрли можноста Австрија да влезе во НАТО, велејќи дека официјална Виена „нема желба да се приклучи“ на Алијансата.
Тој рече дека Австрија треба наместо тоа да обезбеди поддршка во Европската унија за да го спречи рускиот претседател Владимир Путин да ја постигне својата цел.
„Мислам дека е сосема погрешно да се преправаме дека постои само НАТО, а дека сите други се илузионисти и не ја гледаат реалноста“, рече Шаленберг, додавајќи дека австриската неутралност има „вредност“.
Тој изјави дека Австрија отсекогаш била воено неутрална, но посочи дека секогаш имала свој став.
Коментирајќи ја дебатата за испраќање копнени трупи во Украина што ја иницираше францускиот претседател Емануел Макрон, Шаленберг рече дека таа е „излишна и непотребна“.
„Нема да дозволиме да бидеме вовлечени во тоа. Ова не е конфликт меѓу НАТО и Русија“, рече Шаленберг.
Зборувајќи за војната во Газа и зголемените критики кон Израел, Шаленберг рече дека „Израел има право на самоодбрана“.
„Тоа, се разбира, не е бланко чек. Црвената линија е меѓународното право“, рече австрискиот министер.
Подготвено од А.Ѓ.