18.03.2024 Скопје
Најновото истражување, спроведено на Универзитетот „Колорадо Болдер“, покажа дека Арктикот би можел да остане без мраз за 10 години, што може да има сериозни последици врз светскиот екосистем.
Научниците откриле дека мразот се топи повеќе од вообичаено во текот на летото и повторно замрзнува во зима, но во помали количини од порано.
Според сознанијата на научниците, првиот период без мраз на Арктикот би можел да се случи оваа деценија. Помалку мраз значи побрзо затоплување на океаните, што доведува до дополнително топење на ледените острови и придонесува за топли бранови на копното.
Иако промените во големината на мразот се нормални помеѓу летото и зимата, сепак, сега и летниот и зимскиот мраз стануваат помали.
НАСА, исто така, заклучува дека и летните и зимските ледени плочи се намалуваат. Овој феномен не е нов, но се чини дека се влошува. Арктичкиот морски мраз се намалува од 1978 година, кога НАСА почнала да ги следи промените преку сателит.
Според новата анализа, авторите на студијата предвидуваат дека првите сезони без мраз би можеле да се случат некаде во 20-тите или 30-тите години на овој век. Кога велат „без мраз“, тие не мислат 100 проценти без мраз. Тоа значи дека океанот би имал помалку од милион квадратни километри мраз, што звучи како многу, но дури и минималната ледена покривка на Арктикот во 2023 година покривала 4,23 милиони квадратни километри.
Според нивните предвидувања, летниот мраз на Арктикот ќе се намали на околу 24 отсто од големината во 2023 година до 30-тите години. Овие намалувања ќе се случат „без оглед на сценариото за емисии“, предвидуваат тие. Со други зборови, арктичкиот морски мраз се движи кон рекордно ниско ниво, дури и ако емисиите на стакленички гасови се намалени.
Авторите на студијата предвидуваат дека оваа минимална ледена покривка би била само за еден просечен месец, но ќе се зголемува со текот на времето. До 2067 година тие предвидуваат дека Арктикот често ќе биде без мраз, не само во септември, туку и во август и октомври.
Сепак, намалувањето на емисиите на стакленички гасови би го одложило тој настан бидејќи мразот на Арктикот брзо реагира на промените во емисиите на јаглерод.
Подготвено од А.Ѓ.