05.03.2024 Скопје
Аналена Баербок, министерка за надворешни работи на Германија, на прес-конференција со Елмедин Конаковиќ, министер за надворешни работи на БиХ, упати апел до Бањалука заедно и одлучно да тргнат по европскиот пат со јасна посветеност на европските вредности.
„Германија јасно ќе каже не на фантазиите за отцепување кои се против евроинтеграциите“, истакна Баербок, потенцирајќи дека Босна и Херцеговина може да влезе во ЕУ само како обединета земја.
Баербок истакна дека има разговарано на оваа тема со српскиот член на Претседателството, и има кажано дека реториката носи голема загриженост. Таа, воедно, додаде дека примерот на Русија покажува како се води војна со дезинформации и како може да се користат зборови за да се создадат поделби.
„Важно е Босна и Херцеговина да воспостави владеење на правото, не само заради владеење на правото, туку и заради безбедноста на инвестициите. И поради тоа треба да се усвојат препораките на ОБСЕ и ОДИХР во однос на интегритетот на изборниот процес“, додаде Баербок.
„Би било за жалење доколку, врз основа на бонските овластувања, високиот претставник треба да наметне измени во Изборниот закон, иако овде интензивно се разговара и, како што ми се чини, добро се подготвува“, рече таа.
На прашањето на германски новинар како ја коментира посетата на Милорад Додик, претседател на Република Српска, на Путин, таа рече дека во Европа не треба да има „сиви зони“ и дека сите шест земји од регионот мора да влезат во ЕУ.
Конаковиќ рече дека патувањето во Русија ја покажува сложеноста на внатрешните односи во Босна и Херцеговина и додаде дека очигледно е на страната на Украина.
„Милорад Додик и СНСД гласаа за законот за спречување перење пари меѓу тие две средби со Лукашенко и Путин, а тоа е исто така слика за сложеноста на БиХ“, рече тој.
Тој истакна дека вратите на БиХ за ЕУ се широко отворени и изрази надеж дека БиХ ќе ги усвои преостанатите закони.
Тој изрази уверување дека ќе се постигне договор во однос на законот за судир на интереси, а сето она што е досега направеното ја покажува посветеноста и подготвеноста на властите да го продолжат европскиот пат побрзо од кога било досега.
„Ние сме посветени на борбата против корупцијата и Германија инсистира на тоа“, рече тој и додаде дека факт е дека претседателот на Судот на Босна и Херцеговина и поранешниот претседател на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина се во затвор.
Подготвено од А.Ѓ.