americhki strateshki bombarderi

07.03.2024 Скопје

Два американски стратешки бомбардери B-52 Stratofortress и B-1B Lancer прелетаа над Шведска во средата, придружувани од ловците JAS-39 Gripen на шведските воздухопловни сили. Ова беше начин неофицијално да се прослави влезот на земјата во НАТО.

Според шведското Министерство за одбрана, авионите го прелетале главниот град Стокхолм и Упсала. Официјално, тоа беше заедничка вежба на шведските и американските воздухопловни сили.

Во понеделник Шведска официјално ќе стане 32. членка на НАТО.

Церемонијата на подигнување на знамето е закажана за понеделник напладне во седиштето на Алијансата на периферијата на Брисел, по повод одбележувањето на пристапувањето.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон и министерот за надворешни работи Тобијас Билстром во текот на вчерашниот ден  беа во Вашингтон. Документацијата за пристапување на Шведска беше официјално депонирана во Стејт департментот на САД, со што и формално заврши процесот.

Шведска ја прескокна последната пречка за да стане 32-та членка на Алијансата минатата недела, откако Унгарија, последната од земјите-членки, одржа парламентарно гласање за одобрување на кандидатурата. Новиот претседател Тамас Суљок го потпиша во вторникот, веднаш по инаугурацијата.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој одржува контакт со рускиот претседател Владимир Путин и покрај притисокот од Западот, повеќе од 600 дена одбиваше да ја одобри кандидатурата на Шведска.

Турција, исто така, го одложуваше пристапувањето на Шведска со образложение дека таа не е доволно строга кон курдското малцинство што живее во земјата.

Пристапувањето на Шведска ќе биде стратешки удар за Москва. Тоа го претвора Балтичкото Море во езеро на НАТО, што го прави многу полесно за Алијансата да ги следи движењата на руската морнарица. Шведска има и добро вооружена армија и напредна воена индустрија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author