01.03.2024 Скопје
Виктор Мануел Роха (73), поранешен американски амбасадор во Боливија, призна дека шпионирал за Куба 40 години.
Роха е обвинет за предавање информации на комунистичка Куба од 1981 година, додека служел во САД.
За време на сослушувањето во судот во Мајами, поранешниот американски дипломат и амбасадор во Боливија го смени сведочењето и призна дека шпионирал за Куба. Рохи ќе биде осуден на 12 април.
Доказите што истражителите ги открија за време на случајот вклучуваат информации дека Роха со децении шпионирал за Куба, на поранешниот кубански претседател му се обраќал со „командант“ и дека САД ги нарекува „непријател“.
Случајот на Роха илустрира како кубанското разузнавање ги надмудрило САД, изјави минатиот месец Џејмс Олсен, поранешен директор за контраразузнавање во Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
„Тој е предавник. Ја предаде нашата земја. Мислам дека е одвратно и мислам дека тој никогаш повеќе нема да ја види светлината на денот“, вели Олсен.
Мануел Роха најголемиот дел од својата дипломатска кариера го помина во земјите од Латинска Америка. По дипломатската служба, тој продолжи да работи како специјален советник на Јужната команда на САД, делот на американската војска што ја надгледува Куба.
За време на трите состаноци што ги имал со таен агент на Бирото за истраги, Роха почнал да открива информации за неговото време како таен агент на кубанската влада, се вели во документот за обвинение.
Агент кој се претставувал како кубански шпион го прашал Роха: „Дали си уште со нас?“, а Роха бил лут што неговата лојалност била доведена во прашање.
Подготвено од А.Ѓ.