07.03.2024 Скопје
Увозот на евтини кинески автомобили создава брчки на челото, не само за европските производители, туку со истата загриженост се гледа и во Соединетите Американски Држави.
Еден од најголемите американски индустриски синдикати, Алијансата за американско производство, минатата недела издаде остро предупредување против увозот на евтини кинески автомобили и резервни делови во САД преку Мексико.
Според барањата на синдикатот, американската влада треба веднаш да го запре увозот на евтини кинески автомобили и делови од Мексико, бидејќи тие можат да ја загрозат одржливоста на домашните, американски автомобилски компании.
„Увозот на евтини кинески автомобили, кои имаат толку ниски цени бидејќи се поддржани и финансирани од кинеската влада, на американскиот пазар може да биде апсолутно ликвидаторски за американскиот автомобилски сектор“, се вели во соопштението на американската страна.
Конкретно, Американската алијанса за индустриско производство бара укинување на можноста автомобилите и автоделовите произведени во Мексико од компании со седиште во Кина да ги користат предностите од Северноамериканскиот договор за слободна трговија.
Подготвено од А.Ѓ.