STOPANSKA BANKA BITOLA

25.03.2024 Скопје

Стопанска банка Битола станува прилично интересна за инвеститорите, но засега не е познато дали е тоа поврзано со од поодамна најавеното нејзино потенцијално присоединување кон Комерцијална банка, нешто што го објавија своевремено двете банки, и што требаше да почне да се преговара и реализира многу скоро, или поточно по усвојувањето на завршните сметки на банките, кои се предвидени за акционерските собранија токму за следните денови.

Преку берзанска блок трансакција некој вчера купи солидна количина акции од Стопанска банка Битола, плаќајќи за неа сума од над 753 илјади евра.

Голем износ платен во еден ден за познат купувач, а не е мал ниту процентот на акционерски капитал што е продаден и купен, бидејќи станува збор за 4,1 отсто од вкупниот акционерски капитал на банката.Или прецизно, на блок трансакцијата поминала количина од 16.019 акции, по цена од 2.892 денари за акција, која е повисока од сите досегашни цени на редовното тргување на акцијата. Или, вкупниот износ е 753,3 илјади евра за акционерски пакет од 4,1 отсто од Стопанска банка Битола.

Претходно тргување со акциите на оваа банка имало на 19 март кога се продале 110 акции, по цена од 2.570 денари, а еден ден претходно, на 18 март, се продале само 10 акции, по цена од 2.649 денари.

Според последната состојба од Централниот депозитар за хартии од вредност од понеделникот, единствен сопственик со над 5 отсто акции во банката е компанијата „Пелистерка“, која поседува 16,99 отсто од акциите на СТБ. Точно 801 физичко лице располагаат со близу 47 отсто од акциите, а покрај „Пелистерка“ и други 118 фирми поседуваат заедно 34,5 отсто од акциите на оваа банка. Многу мал пакет од вкупно нецели 2 отсто од акциите имаат неколку странски физички и правни лица.

Подготвено од М.Д.

About Author