01.03.2024 Скопје
Мнозинството претставници во Сенатот, Горниот дом на францускиот парламент, гласаа за запишување на правото на жените на абортус во Уставот.
Предлогот, кој претходно беше одобрен од Долниот дом, го поддржаа 267 претставници, а 50 гласа беа против.
Абортусот е легален во Франција од 1974 година, но во последниве години се зголемува притисокот на јавноста ова право дополнително да се запише во законот.
Имаше индикации дека правото на прекинување на бременоста ќе се промени во оваа земја, како што се случи во некои американски држави и во Полска.
Францускиот претседател Емануел Макрон свика специјално повторување на гласањето во кое двата дома на парламентот се состанаа далеку од Париз во предградието на Версај.
Доколку уставниот амандман биде усвоен на заедничка седница со мнозинство од најмалку три петтини, нема да има потреба од референдум.
Истражувањето спроведено од Францускиот институт за јавно мислење (ИФОП) во ноември 2022 година, кога Долниот дом на парламентот гласаше за законот, покажа дека 86 отсто од луѓето го поддржале таквиот амандман.
Ниту една од главните политички партии во земјата не го доведува во прашање правото на абортус, но јазикот што се користи во амандманот беше ревидиран по гласањето во 2022 година, кога Националното собрание го одобри „правото“ за прекинување на бременоста.
Минатиот месец, владата на Макрон повика на измена на членот 34 од францускиот Устав, со предлог да се промени во „слобода на жената да абортира, што и е загарантирано“.
Оваа нова формулација за „загарантирана слобода“ беше одобрена од Сенатот во средата.
Макрон на социјалната мрежа Х напиша дека се залага слободата на жената во ова прашање да биде неповратна со тоа што ќе биде запишана во Уставот.
Реагирајќи на гласањето, министерот за правда Ерик Дупон-Морети рече дека неговата земја е блиску до историски ден, кога ќе стане прва во светот каде Уставот ја штити слободата на жените и го потврдува правото тие да одлучуваат што ќе се случува со нивните тела.
Дебатата за абортусот во Америка се вжешти кога Врховниот суд го укина правото на прекинување на бременоста во јуни 2022 година.
Почнувајќи од јануари оваа година, 21 од 50 држави во земјата имаат целосна или делумна забрана за абортус, од кои некои носат строги казни за лекарите и други кои помагаат во пристапот до процедурата.
Уставниот суд на Полска воведе речиси целосна забрана за абортус во таа земја во 2020 година.
Прекинувањето на бременоста сега е дозволено само во случаи на силување или инцест или кога бременоста го загрозува здравјето или животот на мајката.
Подготвено од А.Ѓ.