magla

20.03.2024 Скопје

Специјализирана швајцарската компанија за испитување на загаденоста на воздухот АјКјуЕр денеска го објави Извештајот за аерозагадувањето во 2023 година. Република Северна Македонија и годинава останува на второто место од 43 држави во Европа според загадувањето на воздухот.

Според податоците од Извештајот, иако има подобрување од 0,4 микрограми на метар кубен помалку ПМ 2,5 честички, во однос на 2022 година сепак Република Северна Македонија  останува на второ место на најзагадена европска држава, веднаш зад Босна и Херцеговина (БиХ). Во 2023 година просечната годишна вредност на микрограмите на метар кубен на ПМ2,5 честичките што се дишеле во Република Северна Македонија е 25,2 микрограмите на метар кубен. Споредена со 134 земји, региони и територии во светот, во однос на аерозагадувањето Република Северна Македонија се наоѓа на 32 место. Тоа е подобрување за едно место во однос на 2022 година, кога земјата била на 31 место.

Во првите 15 најзагадени градови во Европа во 2023 година има два македонси града, Струмица, како 12 најзагаден регионален европски град, и Тетово, како 14 најзагаден регионален град. Што се однесува до Скопје, иако просечната годишна концентрација на ПМ2,5 се намалила за 2 микрограми, сепак е за една позиција полошо пласиран во однос на 2022 година и се наоѓа на 30 место од 114 најзагадени главни градови во светот.

Извршниот директор на АјКјуЕр, Франк Хамес во документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ оценува дека подобрувањето во Скопје се движи бавно и дека така за деценија или две би се постигнал подобар квалитет на воздухот.

Подготвено од М.Д.

About Author