MKC

04.03.2024 Скопје

Арбен Шаќири, новиот директор на Младинскиот културен центар во Скопје потпиша решение за прекин на хонорарниот ангажман на 30 лица со што практично овој центар веќе не може да работи.

Ова значи дека редовните дејности на МКЦ веќе нема да се одржуваат или пак нема да има настани во вообичаениот обем.

Од МКЦ велат дека добиле писмо од Државната комисија за спречување на корупцијата   во кое се вели дека во текот на изборниот процес не смее да се склучуваат договори со кои би се злоупотребиле буџетски средства.

Наспроти оваа препорака, вработените во МКЦ велат дека токму со тие хонорарни работници се генерираат приходи од кои потоа се исплаќаат соработниците. Значи воопшто не се зафаќаат буџетските пари за кои се однесува препораката на ДКСК.

Штетата од неработењето на МКЦ или од делумното работење на овој центар кој секојдневно привлекува огромен број на млади, ќе биде огромна, предупредуваат вработените во МКЦ.

Со раскинувањето на договорите на хонорарните соработници во МКЦ веќе нема да работи Планетариумот, нема да има предавања за децата, нема да се организираат детски родендени, кафулето е веќе затворено, „Ап(О)тека“ не работи, киното „Милениум“ ќе работи со преполовен капацитет…

Шаќири е директор на МКЦ од јануари годинава.

Подготвено од М.Д.

About Author