eurostandard-banka

13.02.2024 Скопје

Останува нејасно кои се причините за молкот на обвинителството за криминалот во Еуростандард банка и после три години од покренатата истрага. Дали ќе има одговорност за најголемиот банкарски криминал во земјава во последните дваесетина години, прашуваат од здружението на штедачи од пропаднатата Еуростандар банка.

„Во тек е четвртата година од затворањето на Еуростандард банка. Откако се затвори банката, сите засегнати страни беа едногласни во сомнежите за причината за затворањето на банката – организиран криминал. Финансиската полиција ја заврши предистрагата, на основа на што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција почна истрага уште во февруари 2021 година против четири лица на највисоки раководни позиции во банката. Раководните лица, со посебни права и одговорности, се осомничени за тешки кривични дела – предизвикување стечај на банката и перење пари и други приноси од казниво дело.

Пред една и пол година поминаа и сите законски рокови за изјаснување на обвинителството од покренатата истрага. И покрај многуте прибавени материјални докази кои требаа да послужат да го исцртаат целиот организиран криминал спроведуван со години во Еуростандард банка, во обвинителството уште владее молк.

Дури и Трифун Костовски, еден од осомничените лица за грабежот на депозитите од банката, редовно објавува колумни и повикува да се фатат и казнат крадците кои никако не ги препознава во самиот себе и неговиот раководен тим поставен лично од него. Истиот тој човек како да заборава дека со години потпишувал и одобрувал одлуки за делење необезбедени, ненаплатливи кредити со високи суми како долгогодишен претседател на надзорниот одбор на банката. Дали Трифун Костовски заборавa и на неговата јавна објава дека уште во 2019 година свесно сторил кривично дело со одобрување незаконски трансфер на три милиони евра од депозитите во Еуростандард банка во соседната Комерцијална банка како гаранција за доделени кредити на некои трети правни лица!?

Останува нејасно кои се причините за молкот на обвинителството за криминалот во Еуростандард банка и после три години од покренатата истрага. Дали ќе има одговорност за најголемиот банкарски криминал во земјава во последните дваесетина години? Или пак, дали во прашање се други причини и интереси зошто упорно се молчи од обвинителството за организираниот криминал во Еуростандард банка?

По се изгледа, доаѓа време кога молкот ќе почне да говори“, соопшти здружението.

Подготвено од М.Д.

About Author