08.02.2024 Скопје
Жените би требало да работат дополнителни 19 години за да се пензионираат со ист износ на пензија како и мажите, според анализата објавена од Институтот за пензиска политика на Велика Британија (ППИ).
Истражувањето покажува дека жените кои ќе се пензионираат на 67 години ќе заштедат во просек по 69.000 фунти, во споредба со 205.000 фунти, кои мажите треба да ги заштедат.
Податоците, објавени од ППИ, сугерираат дека според сегашниот систем, каде што уписот во пензискиот фонд започнува на 22-годишна возраст, девојката треба да почне да штеди на три години за да се пензионира со иста сума пари како и вработените мажи.
Бидејќи автоматското запишување во пензискиот фонд на Обединетото Кралство започнува на 22 години, кога работниците влегуваат во пензиска шема за партиципација, 19-годишната разлика меѓу половите всушност значи дека, ако не започнат од тригодишна возраст, девојките веќе се заостануваат зад момчињата кога станува збор за обезбедување на остатокот од животот, според истражувачите.
Покрај тоа, жените живеат во просек седум години подолго од мажите, што значи дека и нивните пензии мора да траат подолго.
Критичарите на овој сооднос на пензиите бараат да се укине прагот на заработка од 10.000 фунти годишно за луѓето кои автоматски се запишуваат во пензиски фонд со едно работно место, бидејќи тоа дисквалификува многу жени кои имаат повеќе работни места, работат со скратено работно време или се самовработени.
Возраста за пензија во Обединетото Кралство од 66 години треба да се зголеми на 67 години помеѓу 2026 и 2028 година, а се очекува да биде 68 години од 2044 година.
Сепак, истражувањето објавено претходно оваа недела сугерира дека прагот ќе мора да се искачи на 71 за оние родени по април 1970 година.
Податоците објавени денеска покажуваат и дека проценетата сума на пари потребна за умерен животен стандард во пензија скокнала за 8.000 фунти за една година или 34 отсто, што е резултат на растот на бројните трошоци.
Подготвено од А.Ѓ.