09.02.2024 Скопје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на началникот на Генералштабот на украинската армија Валериј Залужни за одбраната на Украина, неколку дена откако медиумите објавија дека се очекува разрешување на првиот човек на украинската армија.
„Се сретнав со генералот Валериј Залужни. Му се заблагодарив за две години бранење на Украина. Разговаравме за обновување на вооружените сили на Украина, што е неопходно“, изјави Зеленски на социјалната мрежа Х.
Тој додаде дека разговарале кој би можел да биде дел од новото раководство на украинската армија.
„Сега е време за тоа обновување. Му предложив на генералот Залужни да остане дел од тимот. Дефинитивно ќе победиме! Слава на Украина“, рекол Зеленски.
Во објава на својот канал Телеграм, Залужни изјави дека имал „важен и сериозен разговор“ со Зеленски и дека е донесена одлука за промена на тактиката и стратегијата на бојното поле.
„Задачите од 2022 година се различни од задачите за 2024 година. Затоа, секој мора да се менува и да се прилагоди на новите реалности. Ајде да победиме заедно“, истакна тој.
Подготвено од А.Ѓ.