29.02.2024 Скопје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на вчерашниот ден учествуваше на самитот „Украина – Југоисточна Европа“ во Тирана, чиј домаќин беше албанскиот премиер Еди Рама.
„Денешниот самит е за единство и верувам дека балканските држави треба да се обединат. Русија ќе направи се за да ја дестабилизира ситуацијата“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека Русија нема да запре.
„Русија влече заклучоци од грешките што ги направи на украинска територија и ќе продолжи да дестабилизира, ќе користи други тактики“, смета Зеленски.
Албанскиот премиер Еди Рама исто така призна дека постои јасен ризик за Балканот поради руската агресија.
„Она што се случува во Украина може да се повтори на различни начини“, рече Рама.
Тој тврди дека војна може да се случи, колку и да изгледа невозможно и дека не треба да се игра со оган.
„Ако ја изгубиме оваа јасност, ризикуваме да влеземе во темна фаза“, посочи тој.
За време на прес-конференција, Рама ги повика земјите да продолжат да обезбедуваат помош за Украина, која се соочува со руска окупација од февруари 2022 година.
Сепак, Рама рече дека е свесен оти земјите како Албанија не можат да ги задоволат одбранбените потреби на Украина, па затоа ги повика големите и богати земји да му помогнат на Киев.
Подготвено од А.Ѓ.