germanija lugje

05.02.2024 Скопје

Во Германија започна шестмесечен експеримент на четиридневна работна недела, најавен на 1 февруари, кој денес добива вистински замав, кој ќе им овозможи на вработените во 45 компании низ земјата да работат еден ден помалку неделно за иста плата.

Иницијативата, која вклучува само компании чија активност може да се прилагоди на пократка работна недела, е покрената и е управувана од берлинската консултантска компанија Intraprenör во соработка со непрофитната организација 4 Day Week Global (4DWG).

Поддржувачите на пократката работна недела се надеваат дека четиридневната работна недела ќе ги направи работниците посреќни и попродуктивни, во време кога Германија се бори со забавување на растот на продуктивноста и недостаток на работна сила.

Продуктивноста обично се пресметува со делење на економскиот аутпут со работни часови. По достигнувањето на историски максимум од 105,20 поени во ноември 2017 година, продуктивноста на Германија е во постојан пад, според податоците на Deutsche Bundesbank, иако и понатаму е повисока од другите големи економии во Европа. Во ноември минатата година, што е последен расположлив податок, продуктивноста падна на 95,80 поени од 96,79 поени претходниот месец.

Според поддржувачите на четиридневната работна недела и поголемиот дел од работниците кои веќе доживеале ваков работен режим, работењето еден ден помалку неделно го зголемува задоволството и мотивацијата на работниците и ги прави попродуктивни.

Застапниците на концептот на четиридневна работна недела наведуваат дека претходните експерименти во САД и Канада покажале дека е можно зголемување на перформансите во таков режим на работа. Во некои претходни експерименти, работниците пријавија севкупно подобрување на нивното здравје, а компаниите не се вратија на петдневната работна недела. Во Велика Британија во слична програма учествувале 61 компанија, работните резултати биле добри, а боледувањето е намалено за 65 отсто.

Работењето помалку часови неделно, исто така, може да ги убеди оние на кои не им е „жешко“ да работат цела недела за да влезат на пазарот на трудот, што би помогнало да се намали проблемот со недостигот на работна сила што ги погодува индустријализираните земји ширум светот.

Германија во моментов се бори со недостиг на квалификувани работници во брзорастечките сектори. Во ноември минатата година, Трговско-индустриската комора (ДИХК) објави дека половина од германските компании се борат да ги пополнат слободните работни места.

Илјадници непополнети работни места во германската економија предизвикаа земјата да загуби повеќе од 90 милијарди евра минатата година, што е повеќе од два отсто од германскиот БДП, според заменик-извршниот директор на ДИХК, Ахим Деркс.

Иако не е јасно дали пократката работна недела навистина ќе го реши овој проблем на кој било начин, Германците изгледаат возбудени да се обидат.

Истражувањето на јавното мислење на Институтот Форса покажа дека 71 отсто од испитаниците кои работат во Германија би сакале да имаат можност да работат само четири дена во неделата. Нешто повеќе од три четвртини од анкетираните изјавија дека го поддржуваат владиното разгледување на можноста за воведување четиридневна работна недела. Кај работодавачите ова статистички го поддржаа повеќе од двајца од тројца испитаници.

Значително мнозинство од 75 проценти веруваат дека четиридневната работна недела би била пожелна за вработените, а мнозинството од 59 проценти веруваат дека тоа треба да биде остварливо и за работодавците.

Речиси половина од работодавците, 46 отсто од нив, изјавиле дека сметаат дека се изводливи пробните четиридневни работни недели на нивното работно место.

Според истражувањето на американската консултантска и аналитичка компанија Галуп, нискиот ентузијазам на работниците годишно ја чини светската економија 8,1 милијарди евра загуби или дури девет отсто од светскиот БДП.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author