Vladika TIMOTEJ

07.02.2024 Скопје

Преговори, договори и разговори не се прекратени со цариградскиот трон, со Вселенската патријаршија, но има некои прашања коишто ние во овој момент не можеме да ги прифатиме од каноски аспект гледано, а тие пак инсистираат на нешто што е според нас и според канони неприфатливо во овој момент и затоа се можеби во една стагнација тие преговори, вели владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ-ОА .

Посети, посочува владиката Тимотеј, вакви, такви, се одржуваат и најверојатно во непосредна близина сега ќе имаме пак гости од страна на Цариградската патријаршија и од грчката Црква.

Прашан што е тоа што е неприфатливо за МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, рече дека тоа е украинската православна црква, која што ја призна Вселенската и ја признаа уште три други грчки цркви. МПЦ-ОА не ја признава украинската црква.

Прашан дали постои разногласие и поделба во редовите на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј вели дека Синодот го сочинуваат различни луѓе, со различни капацитети и со различни убедувања.

„Не би рекол дека постои разногласие, има разномислие, како и во секоја институција. Синодот го сочинуваат различни луѓе со различни капацитети со различни политички и културолошки убедувања. Така, природно дека постои. Затоа постои Синод, односно тело коешто ги сублимира сите мислења, па донесува она што е најполезно и корисно за Црквата“, изјави владиката Тимотеј.

За јавните несогласувања меѓу митрополитот Преспанско-пелагониски Петар и епископот Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, Партениј, владиката Тимотеј кажа дека одговор треба да се бара од нив, но тој смета дека тоа е непријатно и непотребно.

Во однос на предупредувањата од претседателот Стево Пендаровски за постоење на проруски елементи во црквата, владиката Тимотеј, нагласува дека Синодот е тело, каде се десет луѓе и дека секој има име и презиме и ако има такви елементи претседателот треба да каже кои се.

За протестот против Законот за родова еднаквост и дали со тоа МПЦ-ОА не излегува надвор од ингеренциите, владиката Тимотеј, посочува дека тие се спротивставуваат на законот што го нуди државата.

„Па ние сме граѓани на ова општество и на оваа држава. Со кои закони и прописи се ускратува тоа право дека не можеме да се изјасниме за едно прашање кое не тангира сите нас. Во Македонија, 90 отсто од македонскиот православен народ се декларира дека се следбеници на МПЦ. И ние имаме право да зборуваме и нема да оставиме само на политичарите да одлучуваат. Тие на крајот одлучуваат, но МПЦ ќе ги брани основните принципи кои се загарантирани, не од денеска, туку од памтивек. Бог создал маж и жена, не создал маж и маж да раѓа, или жена со жена“, изјави владиката Тимотеј.

Подготвено од М.Д.

About Author