09.02.2024 Скопје
На меѓународниот повик за изградба на македонскиот дел од гасоводот до границата со Грција се пријавиле пет компании – четири странски и една домашна. Четирите надворешни фирми, генерално, се конзорциуми. Сите понудиле пониска цена од проектираната сума. Огласот беше затворен на 1 февруари, а проектот беше проценет на вредност од 57,8 милиони евра, но во меѓувреме, поради енергетската и воената криза оваа сума порасна на над 83 милиони.
Петнаесет милиони евра од нив се грантови, пари кои ќе се искористат за градба, надзор и проектирање, а останатите пари ќе се обезбедат преку заем. Од „Нома гас“ велат дека не е поставен краен рок до кога да се избере кој ќе го гради гасоводот, а додаваат и дека процесот би можело да потрае поради обемната документација. Но, очекувањата се дека ако се оди како што треба, со изградба би се почнало до крајот на март.
Интерконекторот кон Грција треба да обезбеди посигурно снабдување со природен гас, како и диверзификација на изворите, од каде Република Северна Македонија досега го набавуваше гасот, односно руски „Гаспром“.
Единствената прекугранична гасоводна врска што ја има Република Северна Македонија во моментов е со Бугарија.
Подготвено од М.Д.