vuchikj

26.02.2024 Скопје

Александар Вучиќ, претседателот на Србија, денеска ги започна консултациите за кандидатот за претседател на Владата на Србија, а први беа претставниците на листата „Продолжува политичката борба на Албанците – Шаип Камбери“ и „Руската партија – Слободан Николиќ“.

Првата средба Вучиќ ќе ја има со Шаип Камбери од партијата „Политичката борба на Албанците продолжува“, а потоа и со Слободан Николиќ од Руската партија, соопшти Службата за медиуми на претседателот на Републиката.

Вучиќ, како што наведе на својот „Инстаграм“ профил, со тоа започнал консултации за кандидатот за премиер со сите кои ќе имаат свои претставници во новото свикување на српскиот парламент.

Вучиќ утре ќе ги продолжи консултациите за кандидатот за премиер, а претставници на Сојузот на војводинските Унгарци и на листата „Усама Зукорлиќ – Обединети за правда – Партија на правдата и помирувањето – Босанците од Санџак – Томислав Жигманов – Демократски сојуз на Хрватите во Војводина“ се поканети на разговорите.

Вучиќ претходно изјави дека ќе ги направи потребните консултации со сите што сакаат да разговараат, а потоа ќе биде подготвен да назначи претставник.

На парламентарните избори во Србија, кои се одржаа на 17 декември минатата година, листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да стои“ освои 129 мандати, листата „Србија против насилството“ освои 65, листата „Ивица Дачиќ – премиер на Србија“ освои 18, а коалицијата НАДА и листата на Бранимир Несторовиќ „Ние – гласот на народот“ за по 13 мандати.

Во парламентот влегоа и малцинските листи – Алијансата на Унгарците од Војводина освои шест пратенички мандати, „Обединети за правда“ и „СДА Санџак – д-р Сулејман Угљанин“ освоија по два, додека Руската партија и „Политичката борба на Албанците продолжува“ освоија секој по еден.

Подготвено од А.Ѓ.

 

About Author