29.02.2024 Скопје
Учесниците на самитот на Југоисточна Европа и Украина во Тирана усвоија заедничка декларација.
Декларацијата изразува поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Во текстот на Декларацијата објавен на веб-страницата на претседателот на Украина, се повикува и меѓународната заедница одлучно да ја зајакне својата поддршка за таа земја. Лидерите на самитот изјавија дека остануваат посветени на обезбедување на потребната поддршка на Украина за постигнување праведен мир.
Тие, исто така, ја повикаа целата меѓународна заедница одлучно да ја зајакне поддршката за Украина во нејзината борба за слобода, независност и територијален интегритет.
Декларацијата ги осудува намерите на Русија да одржи претседателски избори на привремено окупираните територии на Украина, што според неа е флагрантно кршење на меѓународното право.
Исто така, беше истакнато дека „агресивната војна на Русија против Украина“ ја покажа критичната потреба за обединета и силна Европа способна да се соочи со глобалните предизвици.
Лидерите на Југоисточна Европа изразија подготвеност да учествуваат во спроведувањето на Формулата за мир на претседателот Зеленски, како и на инаугуративниот мировен самит. Потврдена е определбата за интензивирање на заедничките напори со цел да се обезбеди понатамошен напредок и взаемна поддршка на патот кон членството на регионот на Западен Балкан, Украина, Република Молдавија и Грузија во Европската Унија.
Лидерите, исто така, рекоа дека го поддржуваат правото на Украина да избира свои безбедносни аранжмани.
„Земјите членки на НАТО и земјите кандидати ги одобруваат чекорите преземени кон нејзиното идно членство во НАТО и ја поддржуваат Украина во нејзината аспирација да стане членка на Алијансата штом ќе дозволат безбедносните услови“, се наведува во документот.
Учесниците на самитот ја потврдија потребата да се казнат одговорните за злосторствата на агресија, злосторствата против човештвото и другите брутални злосторства наводно извршени од Русија против Украина и се согласија да соработуваат и да ги фокусираат напорите за враќање на нелегално депортираните и насилно раселените украински деца.
Покрај тоа, тие ветија дека ќе ги засилат напорите за борба против дезинформациите, вклучително и лажни наративи за војната, и ќе учествуваат во повоената реконструкција, реконструкција на Украина и деминирање на нејзината територија.
„Ние, пријателите на Украина, ја потврдуваме нашата цврста верба дека само преку обединување ќе можеме да го вратиме праведниот мир, стабилност и просперитет на европскиот континент“, се заклучува во декларацијата.
Декларацијата ја договорија претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Молдавија, Маја Санду, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателката на приштинските привремени институции Вјоса Османи, претседавачот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кристо, премиерот на Бугарија, Николај Денков, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ и премиерот на Романија Јон-Марсел Чолаку.
Подготвено од А.Ѓ.