20.02.2024 Скопје
Во ниту една од последните пет години во државава нема опфат на вакцинирани деца што изнесува над 95 отсто. Ова го покажуваат извештаите на Институтот за јавно здравје, а без овој процент нема ниту колективен имунитет. Дека примањето на задолжителните вакцини родителите не го почитуваат покажува и фактот што ни се појавуваат подзаборавените болести.
Епидемија на заушки, епидемија на морбили, а оваа година ја живееме епидемијата на пертусис, односно магарешка кашлица. Голем дел од родителите со кои зборувавме велат дека немаат потреба од вакцини бидејќи достапни им се природните лекови како млеко од магарица за магарешка кашлица и лој од гуска за бронхитис. На ова лекарите одговараат дека ние само временски живееме во 21 век, а со сфаќањата за болестите и медицината сме три века назад, односно во 18 век.
Дезинформациите што се постираат низ медиумите прават многу поголема штета во врска со вакцинацијата кај децата, отколку што се корисни. Тие имаат многу големо влијание за родителите да се мислат дали е правилно нивното дете да прими вакцина, па ја одложуваат вакцинацијата. Можеби не секогаш ја одбиваат, но сигурно дека ја одложуваат, особено таа за МРП. Има случаи кога првата доза се прима на една година, а втората доза се дава на шест години и тоа е голема дискрепанција. Овој факт ни го потврдија и родителите чии деца сѐ уште не се вакцинирани со вакцината за морбили, рубеола и паротитис (МРП).
„Гледаме видеа, постојано ги има на социјалните мрежи. Се вели дека детето пред да ја прими вакцината за МРП зборувало, одело, а потоа по примањето станало пасивно. Голем дел од видеата велат дека оваа вакцина предизвикува аутизам. Не е докажано, но сепак нѐ гризе некој црв и се плашиме. Моето дете има скоро 4 години и сѐ уште нема примено втора доза за МРП. Не знам дали ќе ја прими, можеби само ќе ја одложувам додека можам“, вели родител од Скопје, мајка на една малолетна ќерка.
Има и родители што свесно не ги вакцинираат своите деца верувајќи дека со природни лекови се постигнува истиот ефект, дури и подобро отколку со вакцина. Велат, децата ги носат во приватна градинка, каде што не им бараат никакви вакцинални картони.
Д-р Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје вели дека најважно од сѐ за родителите да сфатат дека вакцините кај децата не се штетни и дека се задолжителни и го штитат нивното здравје, е да постои едукација.
Подготвено од М.Д.