28.02.2024 Скопје
Антитерористичките единици во Грција уапсија шест лица по полициска акција во Атина во врска со терористичка група која ја презеде одговорноста за три бомбашки напади и се закануваше на судии.
Покрај шестмината уапсени, меѓу кои има и двајца активни војници, во бомбите кои се предмет на истрагата, наводно се вмешани уште четири лица кои се во затвор за други кривични дела.
Сите 10 осомничени се соочуваат со обвиненија, вклучително и членство во терористичка организација, обид за убиство и кршење на Законот за оружје и експлозиви.
Во голема акција полицијата претресла десет куќи и запленила оружје, експлозиви, куршуми, како и мобилни телефони и компјутери.
Полицискиот оддел за борба против тероризмот денеска изврши рација во различни делови на Атина во врска со нападите извршени од екстремно левичарски екстремисти, вклучително и пакет-бомба испратена до обвинителот на Апелациониот суд во Солун претходно овој месец.
Непозната анархистичка група наречена „Вооружен одговор“ ја презеде одговорноста претходно во објава на интернет и додаде дека ќе ги засили нападите врз судството во знак на солидарност со затворените колеги милитанти.
Групата Simpraki Ekdikisis (Заговор за одмазда) ја презеде одговорноста за три терористички акции, вклучително и бомбашкиот напад на автомобил на затворски офицер во јули 2023 година во Хајдари, бомбашкиот напад врз градежна компанија во Кифисија во ноември 2023 година и бомбашкиот напад врз зградата на Народната банка во Петралона на 25 јануари оваа година.
Грчката антитерористичка полиција изврши рации и апсења во врска со нападите за кои одговорноста ја преземаа екстремно левичарските екстремисти, вклучително и пакет-бомба испратена до висок судија, соопштија официјални лица.
Подготвено од А.Ѓ.