CHILE

05.02.2024 Скопје

Во шумските пожари во централно Чиле загинаа најмалку 112 луѓе, а стотици се водат како исчезнати, соопштија властите, додека претседателот Габриел Бориќ предупреди дека земјата се соочува со „трагедија од многу големи размери“.

Шумските пожари што избувнаа пред неколку дена ги загрозуваат надворешните рабови на Вина дел Мар и Валпараисо, два крајбрежни туристички града западно од главниот град Сантијаго, каде живеат повеќе од милион луѓе.

Снимките од дронови во областа Вина дел Мар покажуваат цели изгорени населби, жители кои трагаат по преживеани меѓу остатоците од изгорените куќи и улици преполни со уништени автомобили.

Чилеанските власти воведоа полициски час во најтешко погодените области и ја испратија војската да им помогне на пожарникарите да се борат со пожарот.

Чилеанската медицинска служба соопшти дека 99 лица загинале во пожарите, а 32 тела биле идентификувани.

Претходно денеска, претседателот Бориќ, прогласувајќи дводневна национална жалост, рече дека Чиле мора да се подготви за уште лоши вести.

„Таа бројка сигурно ќе порасне, значително ќе порасне“, рече Бориќ во телевизиското обраќање до нацијата.

Стотици луѓе се водат како исчезнати, повеќе од илјада куќи се оштетени, а повеќе од 90 пожари беснеат низ земјата, соопштија властите.

Во однос на жртвите, овие пожари ја претставуваат најголемата катастрофа во Чиле од земјотресот во 2010 година, во кој загинаа околу 500 луѓе.

„Сите сме заедно во борбата против оваа вонредна состојба. Приоритет е да се спасат животи“, изјави претседателот Бориќ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author