Image by wirestock on Freepik

09.02.2024 Скопје

Поради бројните проблеми во пчеларскиот сектор во Европа, пред се во однос на огромниот процент на лажен мед на пазарот, европските пчелари решија да формираат Европска пчеларска унија, со цел адекватна борба пред надлежните органи за спас на пчеларството кое е загрозено.

Покрај пчеларите, загрозени се и потрошувачите на мед, но и европското земјоделство на кое му се заканува масовно напуштање на пчеларството од страна на разочараните пчелари, што би довело до драстично намалување на бројот на пчели и приносите во земјоделството поради намаленото опрашување од пчели. Голем придонес за намалувањето на бројот на пчели има и неконтролираното труење на пчелите со пестициди, а неопходно е да се воведат дополнителни форми на поддршка на пчеларството.

Основачкото собрание на Европската пчеларска асоцијација (ЕБА) ќе се одржи во Белград на 10 февруари 2024 година во 15 часот во свечената сала на Административната зграда на Белградскиот саем.

Се очекува на територијата на ЕУ да биде формирано седиштето на ЕБА каде ќе се води најголемата борба за правата на пчеларите и потрошувачите.

Европската пчеларска асоцијација активно ќе соработува со сите пчеларски организации во Европа, притоа поддржувајќи ги сите активности на Светската пчеларска федерација „Апимондија“, за подобрување на пчеларството, притоа укажувајќи на локалните европски проблеми кои мора да се решат на локално европско ниво.

Своето присуство на Основачкото собрание го потврдија претставниците на сојузите и асоцијациите кои пристапија кон ЕБА од Словенија, Унгарија, Полска, Германија, Романија, Бугарија, Грција, Украина, Литванија, Малта, Ирска, Велика Британија, Италија, Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Република Српска…

Своето присуство на Основачкото собрание го потврди Елман Торстен – претседател на Deutscher Imkerbund e.V. од Германија, како претставник на сите пчелари од германското говорно подрачје, Георги Тодоров Тјутјунџиев од Бугарија и Андриј Базахин од Украина, кои ќе присуствуваат на Основачкото собрание како набљудувачи и по неговото завршување ќе донесат одлука за пристапување.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author