https://www.facebook.com/photo/?fbid=5800075800020285&set=pb.100057301636670.-2207520000..

07.02.2024 Скопје

Вчеравечер преку својот Фејсбук в.д. директорот на Фондот за здравство (ФЗО) Асаф Абдураман соопшти дека со премиерот Талат Џафери постигнале договор платите на вработените да не се менуваат до 31 мај. По неговата објава потврда дојде од Владата преку соопштение.

„Почитувани колеги, соработници на Фондот за здравствено осигурување, денеска со премиерот Талат Џафери донесовме заедничка одлука за иста вредност на платите до 31 мај 2024 година. Оваа одлука ќе трае до трајното решение кое секогаш ќе биде во корист на вработените. Му благодариме на премиерот Џафери и на владиниот кабинет за стручната поддршка за надминување на овој проблем“, напиша Абдурамани.

Подоцна, вечерва, потврда стигна од Владата преку соопштението за одлуките од денешната, трета седница на кабинетот на техничкиот премиер Џафери.

„Владата на денешната седница го разгледа барањето на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓанија (УПОЗ) во врска со состојбите во Фондот за здравствено осигурување. Одлучено е да се поништи препораката до Управниот одбор на ФЗО од 9 јануари 2024 година и е донесена нова препорака којашто се однесува на сегашната вредност на бодот за пресметка на плати, со важност од 1 јануари 2024 година до 31 мај 2024 година. Владата донесе и Решение за формирање Комисија за следење на примената и толкување на одредбите на Општиот колективен договор за јавниот сектор. Со Решението, формирана е Комисијата, со претставници на Владата на Република Северна Македонија и на Сојузот на синдикатите на Македонија. Комисијата, како што образложи дополнителната министерка за труд и социјална политика, ќе разгледува прашања покренати од работници, што се однесуваат на нивни работнички права, согласно Општиот колективен договор“, се вели во соопштението на Владата.

Вработените во ФЗО стапија во штрајк откако Министерството за финансии најави намалување на нивните плати со тврдење дека буџетлт на Фондот не д доволен за сите потреби.

Вработените во ФЗО бараа платите годинава да им бидат во висина на декемвриската плата од 2023 година,со утврденото зголемување од 15 отсто. Според синдикатот, одлуката за платите ја чекаа 831 вработен во Фондот. Ако имаше намалување, 25 проценти ќе добиваа плата под минималната, а 25 отсто колку минималната плата.

Буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари и од него за плати се издвојуваат 1,19 проценти.

Подготвено од М.Д.

About Author