01.02.2024 Скопје
Претседателот на Собранието Јован Митрески, кој беше досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, вели дека на вчерашната средба со пратениците од албанската опозиција Европски сојуз за промена предложил од Комисијата за прашањата на изборите и именувањата на пленарна седница да стигнат двата предлога за избор на член на Државната изборна комисија и да се донесе ситуацијата до обезбедување на двотретинско мнозинство.
„Избирањето на членот на ДИК е важно, затоа што тоа е многу битно да не оставиме никаква флека во смисла на организирање на фер и демократски избори. Јас кажав дека во наредните неколку дена ќе пробам да разговарам со сите пратенички групи, конечно да изнајдеме решение за оваа прашање. Зошто? Затоа што изборот на член на ДИК се врши со двотретинско мнозинство. Ниту власт, ниту опозиција ако не застанеме и не обезбедиме консензус, нема да обезбедиме двотретинско мнозинство. Јас предложив дека е добро за да го придвижиме процесот, од Комисијата за прашањата на изборите и именувањата до пленумот да дојдат двата предлога и да разговараме за двата предлога и да ја донесеме ситуацијата до чин на гласање, фактички до обезбедување на двотретинско мнозинство“.
Во однос на коалициите за изборите, Митрески потенцира дека се прават анализи и разговори со партиите и оти немаат донесено се уште никаква одлука.
„Секако дека се прават анализи. Секако дека има разговори. Моментално нема никаква одлука како тоа ќе се спроведе на изборите, затоа што се прават анализите. Јас очекувам дека граѓаните на крајот ќе одберат иднина која што е европска, иднина која ќе обезбедува подобра егзистенција, иднина кон демократскиот свет кон кој ние целиме како млада демократска држава која уште треба да работи на тоа прашање. Ценам дека на крајот, друга алтернатива освен европската ние немаме, затоа што досега не сме слушнале друга алтернатива некој да понуди“, рече тој.
Спикерот нагласи дека добиле допис дека сите предлог-закони потпишани од претходниот премиер Димитар Ковачевски остануваат во иста процедура.
„Значи, такви случаи имало и претходно. И во овој мандат на Собранието имаше промени на три влади. Процедурата е тоа што се обраќаме до Владата, кажуваме кои се законите, тие се обраќаат до нас и кажуваат дали остануваат на текстот на законите со новите повереници, фактички во овој случај нови повереници се и дополнителните заменици министри од соодветните министерства. Во текот на вчерашниот ден добив допис дека остануваат на сите закони кои до тогаш биле предложени. Сите предлог-закони остануваат во иста процедура“, рече тој.
Митрески информира дека Законот за бранители кој е поднесен од претседателот на политичката партија Достоинство Стојанче Ангелов преку ВМРО-ДПМНЕ, е во фаза на превод и побарал од службите во најбрз можен рок да биде преведен за, како што вели, да може да биде ставен на дневен ред на првата пленарна седница закажана на 7 февруари. Посочи дека конечната одлука за поддршка на тој закон ќе ја носат на координацијата на пратеничката група на СДСМ.
На прашањето дека новинари од Косово и Албанија имале посебен третман на денот на избирање на техничката Влада, Митрески рече дека неколку минути пред почнување на седницата бил информиран дека има голема заинтересираност за присуство во галеријата и посочи оти „дал насоки да се обезбедат човечки услови за функционирање на галеријата , во смисла да се отворат сите можни простории таму за да можат новинарите непречено да ја вршат својата улога“.
„Во текот на вчерашниот ден и на првата координација кажав дека тој простор од галеријата да биде отворен нон стоп во целиот период се доколку нема најавено претставнци од дипломатскит кор или присуство на луѓе од кабиентот на претседателот. Значи, и тогаш и тој ден и во иднина секогаш целата галерија ќе биде отворена за новинарите затоа што сметам дека треба да имаат пристојни услови за функцонирање. Инаку, исто така истиот ден беше изборот на замениците министри и дополителните заменици министри каде што пак горе во галеријата секогаш кога се бираат заменици и дополнителни заменици министри се стават седиштата, фактички тие седат во галеријата, а не долу во пленарната сала каде што седат министрите при нивниот избор“, рече тој.
Во однос на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше ниту на првата координација во понеделникот, Митрески нагласи дека ќе направи се за да се обезбеди нормално функционирање на Собранието.
„Кажав и на првата изјава и од пленарната кога вршевме примопредавање на функцијата со господинот Џафери, дека ќе направам се за да бидам во комуникација со сите пратеници, нормално со акцент на опозицијата затоа што сметам дека мора да има комуникација. Но, исто така мора да кажам дека таа комуникација мора да биде двострана. Таа е двострана улица, мора да има и од другата страна. Кажав и повторувам ќе ги направам сите напори, ќе направам се што е во насока на комуникацијата за да се обезбеди нормално ефикасно функцонирање на Собранието во овој период и се додека сметам, мислам, гледам дека од другата стана тоа што се прави е во интерес на граѓаните“, кажа спикерот Митрески.
Подготвено од М.Д.