09.02.2024 Скопје
Следната недела изведувачот ќе продолжи со реконструкцијата на Универзална сала, најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Она што останува да се направи, како што вели министерската, е да се потпише договорот за банкарска гаранција и со тоа процесот ќе биде затворен.
Костадиновска-Стојчевска се осврна и на процедурата што Министерството за култура ја поминало за да ја добие документацијата од Град Скопје и вели дека таа одамна веќе е завршена.
Според министерката, поминале еден интересен период во однос на примопредавањето на документацијата со Универзалната сала. Таа вели дека четири пати ургирале до градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје и до градските служби, откако претходно виделе дека нема никаков одговор.
Таа додаде дека Министерството за култура, предвреме, кога добиле зелено светло дека ќе ги добијат документите, а и кога веќе ги добиле иако некомплетни, побарале пари во буџетот за 2024 година.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изминатиот период упатуваше апели до градоначалничката и Советот на Град Скопје да излезат во пресрет бидејќи Скопје е избран да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, а Универзална сала е институцијата која аплицирала.
Подготвено од М.Д.