02.02.2024 Скопје
Турската полиција уапси седум лица под сомнение дека продавале информации на израелската разузнавачка служба Мосад.
Осомничените, кои наводно преку приватни детективи му пренесувале детали на Мосад, биле приведени во заедничка операција со членовите на Турската национална разузнавачка организација.
Постапувајќи по наредбите издадени од Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Истанбул, полициски службеници од Антитерористичката и разузнавачката служба спроведоа рации во Истанбул и во градот Измир на западниот брег.
Се претпоставува дека претходно биле приведени уште двајца осомничени во истрагата.
Турската полиција минатиот месец уапси 34 лица под сомнение дека шпионирале за Израел. Лицата беа обвинети за планирање активности кои вклучуваат извидување, прогон, напад и киднапирање на странски државјани кои живеат во Турција.
Тогаш министерот за правда Јилмаз Тунч рече дека повеќето од осомничените се обвинети за „политичка или воена шпионажа“ во име на израелската разузнавачка служба.
Тој рече дека Мосад регрутирал Палестинци и сириски државјани во Турција како дел од операцијата против странците кои живеат во Турција.
Повикувајќи се на документ на обвинителството, Анадолија по апсењата на 2 јануари соопшти дека цел на операцијата биле „палестинските граѓани и нивните семејства во рамките на актуелниот израелско-палестински конфликт“.
Шефот на израелската безбедносна агенција Шин Бет во декември изјави дека неговата организација е подготвена да го нападне Хамас каде било, вклучително и Либан, Турција и Катар.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го предупреди Израел на „сериозни последици“ доколку продолжи да се заканува дека ќе ги напаѓа претставниците на Хамас на турска територија.
Подготвено од А.Ѓ.