KAAN turcija

22.02.2024 Скопје

КААН, турскиот борбен авион од петта генерација, го изврши првиот лет.

Објавено е и видео на кое се гледа дека КААН прво полетува, а потоа се враќа во воздухопловната база во северна Анкара по летот.

Во мај минатата година турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го објави името на новите авиони.

„Турција сега е присутна на сите полиња. На копно, во море, во воздух и во вселената“, рече тогаш турскиот лидер.

Турција, членка на НАТО, го започна проектот TF-X во 2016 година за производство на национален борбен авион. Турската компанија TUSAS во 2017 година потпиша договор вреден 125 милиони долари со британската компанија BAE Systems за развој на нова генерација борбени авиони.

„Со КААН, нашата земја нема да има само борбен авион од петта генерација, туку и технологија што ја имаат малку земји во светот“, изјави Халук Горгун, шеф на Дирекцијата за одбранбена индустрија на Турција (SSB).

Авионот првично треба да биде придвижуван од два мотори на General Electric F110, кои се користат и кај авионите F-16.

Горгун истакна дека Турција планира да започне сериско производство на домашни мотори.

Се очекува производството да започне во 2028 година.

Инаку, Турција неодамна склучи договор за набавка на 40 борбени авиони Ф-16 и 79 комплети за модернизација на постојните борбени авиони.

Целиот процес го одбележаа многубројни одложувања.

Во декември 2020 година, Соединетите држави воведоа санкции за турската одбранбена индустрија бидејќи Анкара го купи рускиот ракетен систем С-400. Потоа Американците ја исфрлија Турција од програмата за стелт-ловци Ф-35, каде Анкара беше и производител и клиент.

Турција е заинтересирана и за купување на 40 авиони Еурофајтер Тајфун, кои заеднички ги произведуваат Германија, Велика Британија, Италија и Шпанија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author